Рауфи изненаден од изјавите на Јовески – утре адвокатите ќе ја изнесат одбраната за обвинетите во „Монструм“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ден пред завршните зборови на адвокатите на одбраната за случајот „Монструм“,  републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, за Дојче Веле изјави дека обвинетите во овој случај се осудени со цврсти и неоспориви докази.

„Заради жртвите и оштетените, извршителите мора да се изнесат пред лицето на правдата. И тоа да е сторено на законит начин и  со цврсти и издржани докази. Најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка“, посочи Љубомир Јовески.

Ваквата изјава на Јовески, пред завршните зборови на одбраната, за адвокатот Насер Рауфи е недозволива бидејќи се нарушува и пресумпцијата на невиност.

„Навистина ме изненади, мислам дека изјавата беше за Дојче Веле. Ме изненади со изјавата дека обвинителството поседува цврсти докази, не е коректно, дури е нарушување на пресумпција на невиноста и врши голем притисок врз судското тело. Тоа е недозволиво“, истакна Насер Рауфи.

Според Јовески, со повторувањето на постапката се отстрануваат сомнежите дека „Монструм“ е монтиран случај.

„Погрешна е перцепцијата во јавноста дека пресудата е укината само поради евентуално постоење на прислушувани разговори. По жалбата на обвинетите, Врховниот суд утврди дека вистинитоста на решавачките факти се доведува под сериозно сомневање и укажа дека при повторната постапка потребно е да се изврши реконструкција на настанот и од аспект на исказот на загрозениот сведок, дека на одбраната не и е овозможен увид во возилото“, додава Љубомир Јовески.

Рауфи вели дека не е направено прецизирање, туку е направено класична промена на обвинението и дека токму тоа докажува дека станува збор за монтиран случај.  

„Мислам дека со нашите завршни зборови практично ќе го демантираме јасното монтирање на случајот, нешто што се знае веќе 9 години. Да не беа осудените лица невини секако дека ќе имавме краток епилог, ќе беа осудени доколку имаше силни докази“, вели Насер Рауфи.

Адвокатот рече дека како одбрана утре со завршните зборови ќе ја аргументираат и докажат невиноста на сите обвинетите. Во меѓувреме, организаторот на протестите за случајот „Монструм“ е повикан во полиција на распит. Обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови побара доживотна казна затвор за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ како извршители на убиството, за Хаки Азири и Фејзи Азири како помошници во злосторството. За обвинетиот Сами Љута, обвинителката Фетаи рече дека обвинението е повлечено затоа што нема докази.