Организирана криминална група, составена од 20 лица од Прилеп и едно лице од Скопје, е разбиена по повеќемесечна полициска истрага, во соработка со Управата за финансиско разузнавање и под раководство на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Во рамки на акцијата се извршени претреси на 36 локации во Прилеп, Скопје и Струга, а од слобода се лишени 20 лица.
„Постапувајќи по судски наредби, извршени се претреси кај 31 лице, на вкупно 36 локации, од кои 33 на подрачје на Прилеп, две на подрачје на Скопје и една на подрачје на Струга. Притоа, од слобода се лишени 20 лица, а при извршените претреси се пронајдени и одземени тревкаста материја, бела прашкаста материја, грутчеста материја, гасен пиштол, муниција од различен калибар, поголема сума на девизни и денарски парични средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор, ваги и др..“, додаде МВР.
Според полицијата, групата дејствувала од февруари до октомври оваа година, додека дрогата, главно кокаин и марихуана, наводно била набавувана од лица од Албанија, Струга, Дебар и Гостивар, а потоа била дистрибуирана во неколку градови во земјата.
Членовите на групата, според сомневањата, ја продавале марихуаната по цена од 500 до 800 денари за грам, додека кокаинот по цена од 4.000 до 6.000 денари за грам.
„Во временскиот период од 2025 до 2026 година Н.В., М.И., Б.И. (се наоѓа во притвор во Франција за кривично дело од чл.215 од КЗ), М.С. и Т.Д. прибавените парични средства за кои знаеле дека потекнуваат од извршување на кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, со намера да го прикријат понатамошното движење и локација на парите, истите ги внесувале во легалниот платен промет, откако претходно ќе ги примиле понатаму ги пуштале во оптек и тоа парични средства во вкупен износ од 4.990.270 денари и 64.670 евра“, велат од МВР.
Полицијата поднела кривични пријави против 21 лице за неовластена трговија со дрога, а против некои од нив и за перење пари и приноси од кривично дело.
