Заклетвата на новата претседателка на државата, Гордана Силјановска Давкова, без да се спомене целосното уставно име на државата, предизвика реакција од Министерството за надворешни работи на земјава. Од таму велат дека двете земји, односно Северна Македонија и Грција, седум години по ред развиваат високо ниво на политички дијалог и ги повикуваат сите политички актери да го задржат овој евроатлантски курс, почитувајќи го уставното име на државата. .
„Во текот на изминатите седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, што резултираше со повеќекратно зголемување на економската соработка и градење позитивни односи меѓу граѓаните. Апелираме на внимателност од сите политички чинители, особено од избраните државни функционери. Одржувањето на евроатлантскиот курс на земјата е основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, велат од МНР.
Револтирано реагираше и министерот за правда Кренар Лога. Вели дека непочитувањето на името на државата ја направило заклетвата неважечка. Повикува да се повтори процедурата за заклетва или со државата да раководи претседателот на Собранието, Јован Митревски.
„Непочитувањето на уставното име на државата ја прави заклетвата на Силјановска NUL (неважечка). Или повторување на постапката или Јован Митревски (претседател на Собранието) треба да ја преземе функцијата претседател на државата како вршител на должноста“, порача Кренар Лога.
Лога денеска повторно сподели видео од првата заклетва на поранешниот американски претседател Барак Обама, кој не положи заклетва според планот и следниот ден беше принуден да ја повтори заклетвата.
Од Движењето Беса, дел од коалицијата ВРЕДИ, велат дека новото име на државата всушност го прифатила Силјановска затоа што заклетвата во писмена форма била со додавката „Северна“ и истата ја потпишала Силјановска.
„Ја изразуваме нашата загриженост за влијанието на емоциите на изборната кампања врз рационалноста на првите чекори во реалполитиката. Не треба да отвораме стари рани. Добро е што новата претседателка ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека де факто е прифатена од неа“, велат од Вреди.
Ненагласувањето на целото име на државата, Северна Македонија, ја натера амбасадорката на Грција во нашата земја, Софија Филипиду, во знак на протест да ја напушти седницата. По ова вчера реагираше и грчкото МНР. Според нив, со овој чин сериозно се крши Договорот од Преспа како и Уставот на соседната земја, што е во согласност со нејзините меѓународни обврски. Од таму велат дека за продолжување на односите меѓу двете страни мора целосно да се почитува Договорот од Преспа.
