Реакции за дополнетата црна листа на САД – се бара Собранието да го донесе законот за рестриктивни мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ставањето на Катица Јанева и Стевчо Јакимовски на црната листа на Соединетите Американски Држави предизвика низа реакции особено меѓу политичките партии. Претседателот на ДУИ Али Ахмети вели дека тие не ги оспоруваат одлуките на Стејт департментот. Иако и Рамиз Мерко претходно се најде на црната листа, Ахмети додава дека тие прифаќаат секаква одлука која доаѓа од САД.

„Законот е во Собрание и сигурно дека во иднина ќе помине. Ние не ги оспоруваме одлуките на Стејт департментот  абсолутно. Ќе прифатиме секаква одлука кое што ја преземе Стејт департментот. САД се наши најзначајни стратешки партнери како што е и ЕУ“, вели Али Ахмети.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, пак вели дека одлуката што САД ја носи се базира на информациите со кои располагаат. Тој посочи на законот за рестриктивни мерки кој се уште се наоѓа во Собранието и бара од Антонио Милошоски да не го блокира.

„Се работи за одлука која ја носат американските институции и кои што тие одлуки ги носат врз основа на информации со кои што тие располагаат. Владата подготви закон за рестриктивни мерки кои што е поднесен до Собранието и вие го видовте соопштението од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и јас можам само да потврдам дека го повикуваме пратеникот Антонио Милошоски и неговата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура бидејќи очигледно е дека тој од некаква причина го блокира тој закон“, порача Димитар Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа уште вчера веднаш по објавувањето на дополнетата црна листа, а со ново соопштение се јавија повторно денеска во кое велат дека и Катица Јанева и Стевче Јакимовски кои се блиски до СДСМ и ДУИ се вмешани во висока корупција.

„Нема дилеми дека СДС заедно со ДУИ е фабрика за криминал, корупција и производство на манипулации.Сите кадри на оваа коалиција завршуваат на црнста лица на срамот и криминалот.Од друга страна симтоматично е што за овие луѓе нема сериозни процеси затоа што власта им го амнестира криминалот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај Јанева и Јакимовски заедно со нивните семејства, во последниве 9 месеци, на црната листа на САД веќе се и Рамиз Мерко, Никола Груевски, Сашо Мијалков,Кочо Анѓушев, Орце Камчев со неговата мајка Ратка Камчева, како и Сергеј и Ирина Самсоненко.