Судирот меѓу толпата и полицијата на вчерашниот протест беше подготвено сценарио од Владата со цел да се провоцира толпата, обвинуваат од опозициската коалиција Алијанса за Албанците – Алтернатива. Тие бараат оставка од Министерот за внатрешни работи Спасовски и неговиот заменик Буши, за непочитување на законот за јавни собири.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ осудува секаков вид на насилство, а за секоја последица прстот го вперија кон премиерот Зоран Заев кој го нарекуваат поттикнувач на меѓуетнички тензии.
И партијата на премиерот, СДСМ, исто така го осудува секој насилен акт, а очекуваат органите да откријат што точно се случило вчера.
Од ДУИ велат дека правото за протест е уставно право кое не треба да им се негира на граѓаните за да го изразат незадоволството на различни форми. Бујар Османи од оваа партија рече дека протестите мора да бидат мирни. Треба да се дозволи граѓаните да протестираат, но додава дека тие треба да го почитуваат внатрешниот ред на земјата.
Вчерашниот протест ескалираше кога полицијата ги спречи демонстрантите да се упатат кон судот и Владата и откако почнаа да фрлаат со камења и тврди предмети кон поставениот полициски кордон. Протестот беше организиран во знак на револт за, како што велат, монтираните случаи.
