Реал Мадрид е вториот финалист во Лигата на шампионите, откако успеа на свој терен да го совлада Манчестер Сити по продолженијата со 3-1, и си закажа меч против Ливерпул во Париз.
„Кралевите“ беа во безизлезна ситуација, откако Махрез во 73. минута донесе водство на Сити, и по оние 4-3 од првиот меч, Англичаните имаа предност од два разлика.
Како се наближуваше крајот, надежите на Реал беа се помали, но во 90. минута ги врати Родриго откако го совлада Едерсон. Сепак, една минута подоцна истиот играч постигна втор гол и го најави чудото на „Сантијаго Бернабе“. 2-1 поведе Реал Мадрид, и со тоа го стигна резултатот.
Со оглед дека не важеше правилото гол во гости, се играа продолженија, во кои во 95. минута беше досуден пенал за Реал Мадрид. Бензема го изнуди, и го изведе прецизно за 3-1. Сити не направи ништо да постигне гол и да го донесе мечот на пенали, па така на крајот голема радост на „кралевите“ кои ќе играат во финалето, и ќе го повторат натпреварот од 2018 година кога играа истите екипи во Киев.
Финалето е закажано за 28. мај на стадионот „Стад д Франс“ во Париз.
