Ребаланс на буџетот поради Ковид-19 – приходите се намалуваат, трошоците се зголемуваат за 50 милиони евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поради здравствената и економската криза која настана како последица на пандемијата со Ковид-19, Владата го усвои ребалансот на буџетот за 2020 година. Како што објаснува министерката за финансии, Нина Ангеловска, приходната трана се намалува за 11,5 отсто, односно ќе има 25,5 милијарди денари помалку од планираното. Од друга страна, расходите се зголемени за 50 милиони евра.

Но, и покрај тоа што приходите бележат пад, а трошоците раст, Ангеловска нема проекција колкав може да изнесува јавниот долг.

Министерката за финансии, Ангеловска истакна дека на расходната страна се додаваат средства за соодветните Ковид програми.

Па така, дополнителни средства од ребалансот ќе добијат:

Министерство за економија  – 600 милиони денари,
Министерство за здравство – 300 милиони денари,
Министерство за образование и наука – 350 милиони денари,
Фонд за здравствено осигурување – 350 милиони денари.

Со ребалансот не е предвидено кратење на платите во администрација, ниту пак на месечните приходи на министрите и директорите, одлука која преходно Уставниот суд ја поништи, бидејќи во истата беа опфатени и судиите, и обвинителите. Реагираа од Алијанса за Албанците. Од партијата побараа Владата да го намали коефициентот на платите на функционерите.

„Алијанса за Албанците бара да се намали коефициентот за пресметка на платите на сите избрани и именувани од Владата и Парламентот, како и на другите функционери, со цел Уставниот суд да не може да го поништи“, истакна Илире Даути. 

Досега само мал број функционери открија дека ја донирале нивната плата во Фондот за солидарност, а од пратениците сѐ уште нема никаква најава за вакво нешто.