Ребалансот на буџетот помина на Влада – Кочоска: Буџетот го затекнавме во хаос, оштетен е за над 32 милиони денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ребалансот на буџетот ќе изнесува 362 милијарди денари или над 5,8 милијарди евра, а дефицитот се зголемува на 720 милиони евра, потврди министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска која го објаснуваше прекројувањето на државната каса. Таа информираше и дека вкупните приходи во Буџетот се планирани на над 318 милијарди денари што е за 8,22 милијарди зголемување, а има и зголемување на буџетскиот дефицит.

„Ние сега имаме зголемување на буџетски дефицит за 11 милијарди и 156 милиони денари и за толку, нешто повеќе, мислам заради сигурност ставивме, што не значи дека ќе повлечеме за издавање на државни хартии од вредност на домашниот пазар“, додава Гордана Димитриеска Кочоска..

Кочоска рече дека Буџетот го затекнала во целосен хаос и долгови. Во дел од институциите, рече таа,  биле обезбедени плати само до јуни. Колку вкупно е оштетен Буџетот?

„Повеќе од 32 милијарди, 20 милијарди скративме во однос на она што го кажавме,  прераспределба каде што имавме нереализирани ставки дополнително 12 милијарди и со сигурност можам да потврдам дека уште некои 6 милијарди има кои што едноставно буџетскиот дефицит не можеше да ги поднесе во овој период“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Таа рече дека со овој ребаланс  обезбедени се 4,1 милијарда денари или 66,6 милиони евра за плати, од кои 1,1 милијарда е за блок дотации за плати кои не биле планирани како и 5 милијарди денари или нешто повеќе од 81 милиони евра за пензии.

„Побаравме функционална анализа во делот на јавната администрација, ги задолживме институциите, секој да достави функционална анализа, првин да видиме што се случува таму и паралелно со тоа ќе се види што ќе се прави со минималната плата. Како и да е, требаше да има корекција на плата на администрација и таа е предвидена во Буџетот“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Од СДСМ критикуваат дека со овој ребаланс не е предвидено зголемувањето на минималната плата.

„Првично она што се гледа е дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на минималната плата и нема мерки и политики за зголемување на платите по сектори а најавува зголемување на задолжувањето. Тоа не е добро, стандардот на граѓаните и на работниците треба да се зголемува а не да се загрозува. Гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби и се правда дека немало пари во буџетот. Има пари за се. Секако СДСМ дополнително ќе го анализира и ќе дадеме свое мислење“, вели Борче Цветков.

Ребалансот на Буџетот се очекува деновиве да биде доставен до Собранието кој ќе се најде на расправа пред пратениците до крајот на месецов.