Речиси 22.000 работници без плата во март, до законскиот рок 15 февруари плата немале 82.000 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Речиси 21.600 работници во земјава, во март се уште не ја зеле јануарската плата – покажуваат последните податоци на Управата за јавни приходи кои ги побара ТВ 21. Бројките покажуваат дека плата за сработеното во јануари, до сега не исплатиле над 10.200 газди.

Бројките се поалармантни, ако се земе фактот дека до законскиот рок -15 февруари, без плата за јануари и без здравствено и пензиско осигурување биле речиси 82.000 работници. Речиси 24.000 фирми од вкупно над 70.000 не успеале да исплатат плата во законскиот рок.

Дека состојбата во стопанството е неизвесна и е намалена економската активност потврдуваат и работодавачите. Од Бизнис конфедерацијата на Македонија велат калкулирањето со цените, директните ургенции во слободната пазарна економија, калкулациите со минималната плата создаваат неизвесност кај бизнисот. За нив бројката од 82.000 работници на кои не им е исплатена плата во законскиот рок е сериозна.

-Прво морам да кажам дека е сериозна бројката во споредба со минатата година кога во одреден период помеѓу 20 и 25.000 работници немаат земено плата. Ова е типичен показател на слабата економска активност, на економската неизвесност и на намалувањето на економијата воопшто во обем особено во приватниот сектор, вели Миле Бошков, Бизнис конфедерација на Македонија.

Бошков апелира, владата да не носи ад хок решенија кои директно ќе влијаат на бизнисот. Вина гледа и кај компаниите, на кои како што вели најлесно им да посегнат по платите на работниците.

-За жал, најлесното решение за работодавачите, со жалење го потврдувам ова, а тоа е неисплата на плати или калкулирање со платите на работниците. Бидејќи не знаат уште како дигитално да ги управуваат компаниите, трошоците, како оптимално да се откажат од одредени капитални добра за да можат да бидат одржливи. Најефтино, најлесно им е прво работниците, а потоа се останато, вели Миле Бошков, Бизнис конфедерација на Македонија.

Но она што е најалармантно е тоа што е неизвесно дали тие околу 22.000 работници ќе ја земат јануарската плата. Дел од нивните газди воопшто не поднеле ни пресметки. Од Управата за јавни приходи велат прават анализа на одредени работодавачи кои често се повторуваат со неподнесени МПИН пресметки, со цел да се провери веродостојноста на податоците.