Реџепи бара од Џафери да го регулира паркингот – одложувањето на Законот за попис финишира во Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И дебатата, но и самиот старт на денешната собраниската седница на која на дневен ред е ставено гласање за измените на Законот за попис измина со жестоки препукувања. Скендер Реџепи координатор на Алијанса за Албанците и Алтернатива кои се противат на одложување на пописот, најпрво бараше промена во редоследот на говорниците со образложение дека тие претходно доставиле список на нивните пратениците кои се пријавуваат за збор. Но, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека тие требале да си дојдат на време во салата, а не да доставуваат список.

„Мислам дека вие ова треба да го имате во предвид фактот дека немаше паркинг и пратениците задоцнија бидејќи немале каде да се паркираат. Ова треба да го регулирате за да имаат можност сите пратеници да имаат можност да се паркираат.“, вели Реџепи.

„Вие се оправдувате дека пратениците дошле во 3 и 15 и немале кај да се паркираат. Дојдете еден час порано. Мене ова не ме интересира вие сте должни да дојдете на време. А за паузата ако треба да одите на ручек, може да ручате дома, јас немам должност овде да обезбедам ручек.“, изјави Џафери.

Во текот на расправата се разви и дебата дали ќе се попишува дијаспората или само ќе се евидентира.

„Вие најмногу што може да направите со дијаспората е да терате евиденција. Само евиденција. И сега ние гледаме како несразмерно една од дијаспорите која што дел од државниот апарат фактички тера цела кампања за таа дијаспора да се попишува се попишува несразмерно во однос на друга дијаспора.“, изјави Борислав Крмов од „Левица“.

„Остануваме на ставот дека резидентното население треба да се попише и дека дијаспората може да се евидентира. Се знае точно што значи привремен престој во странство, што значи граѓанин иселен надвор повеќе од 12 месеци, што значи одјавена адреса на живеење во Република Македонија. “, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

“Овој говор со толкава омраза кон дијаспората каде што над 90 посто се Албанци навистина треба да биде непозната пракса затоа што дијаспората се предвидува со закон тие се дел од нас и дијаспората ќе се попишува, нема да се евидентира.“, изајви Арта Биљали Зендели од ДУИ.

Покрај за измените на законот за попис, на оваа седница е и изгласување на измените на Изборниот законик со кој се предвидува на претстојните локални избори да употреба на фингерпринт, како и пролонгирање на терминот на изборите, кој наместо во првата половина на октомври ќе се одржи на крајот на октомври.