Реџепи: Дозволата е завршена работа – за неколку дена официјално отворање на албанскиот театар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанскиот театар во Скопје за неколку дена ќе ги отвори вратите за публика. Пред неколку дена министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не знаеше дека Албанскиот театар чека дозвола за да започне со работа. Но, ТВ21 дознава дека дозволата за работа е потпишана, а тоа го потврди и самиот заменик министер Беким Реџепи. Според него ова прашање е завршена работа.

„Завршена работа е, одлуката е усвоена, техничко е прашањето за постапката за доставување на одлуката до театарот за да има право да се обжали. Доколку театарот не ја обжали оваа одлука, таа станува полноправна. Инаку треба да чекаме 15 дена од рокот за обжалување“, посочи Беким Реџепи.

Отворањето на театарот каде се завршени градежните работи пред една година беше пролонгирано поради неколку технички прашања за кои даде забелешка комисијата при Министерството за транспорт и врски, формирана за инспекција на театарот. Дел од недостатоците беа и противпожарните апарати.

„Формирана е комисија која излезе на терен. Техничките прашања се главна причина кои беа пречка, но по излегувањето на терен, Комисијата утврдила дека се е во ред. Следната недела речиси се ќе биде готово“, додава Беким Реџепи.

Дека Албанскиот театар се очекува да ги отвори вратите вчера потврди и самиот директор на оваа институција, Адем Карага.

Инаку објектот на Албанскиот театар во Скопје започна да се реновира во 2013 и заврши кон крајот на 2019. Иако реновиран, пролетта при врнежите од дожд, прокисна кровот, каде камерата на ТВ21 сними неколку кофи низ театарската сцена.