За следната година се подготвува нова наставна програма. Предвидено е неколку предмети да се спојат во еден. Билогија, физика и хемија ќе бидат споени во еден предмет, а се очекува и историја и географија да претрпат промени. Професорот по историја, Насер Мифтари, за ТВ21 вели дека е скептичен дека овој концепт ќе биде успешен.
„Малку е тешко од сега да кажам како ќе помине овој концепт, но тоа зависи од составот на наставните единици или теми, каква тежина ќе имаат во споредба со учениците од генерацијата на која припаѓаат. Може да помине, но мислам дека ќе има тешкотии поради тоа што не е почнат како пилот проект, претходно да се тестира во неколку училишта и да се види какви резултати ќе даде“, вели Насер Мифтари.
Реагираше Алтернатива. Од таму велат дека овој концепт е штетен и бескорисен за државата и општеството.
„Додека бевме во владата, го спречивме спроведувањето на овој модел. Така, Алтернатива ќе се бори против овој модел на образование со сите политички средства, додека во времето кога ќе бидеме на власт, ќе ја ревидираме оваа одлука и ќе го вратиме образованието во согласност со автохтоните интереси на нашите граѓани, секогаш во духот на развојот и општиот општествен напредок“, велат од Алтернатива.
Од Алтернатива со критики и за можноста за укинување на предметот Етика во религиите и воведување на предметот Сексуално образование во програмата, но такво нешто негира министерот за образование, Јетон Шаќири.
„Предметот Етика во религиите останува изборен предмет во наставниот план за деветгодишното основно образование, за учебната 2023/2024 година. Се согласувам со мислењето на родителите и учениците овој предмет да остане во системот на основно образование и да биде избор за учениците и родителите кои сметат дека оваа тема е соодветна за периодот од животот на децата кога тие се градат како личности и стекнуваат морални вредности“, порача Јетон Шаќири.
Целта на министерството е на учениците да им овозможи јасна слика за темата или настанот, а според нив тоа се постигнува преку интегриран и интердисциплинарен пристап. Инаку, Северна Македонија има помал успех од регионалниот просек на образовните системи во однос на читање, математика и природни науки. Ние сме и зад повеќето земји од ЕУ. Од Министерството за образование наведуваат дека овој пример го следат европските земји како Словенија, Естонија и Финска.
