Реформи во правосудството и во 2021 година – „Недоволна е проверката на застарените предмети“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Направени се чекори во подобрувањето на правосудството во нашата земја, но треба да се работи уште, оценуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

„Она што недостасува за граѓаните да биде поопипливо е она што се очекува како насока на промена и оценување на кадарот кој постапува во овие институции. Од клучно значење би било во овој момент улогата на судскиот совет кој што би требало да го изврши процесот на проверка.“, вели Натали Петровска.

Владиното ветување за проверка на 5% од пресудите, од коалицијата го гледаат како недоволно.

„Основот по кој што се тргна во насока на проверка на ова што е сработено од судиите во претходниот изминат период е многу ограничен од причина што застарувањето само по себе во предметите кои во овој момент тимови од страна на судски совет го прават низ судовите во Македонија, проверката на евентуално застарени предмети на долго водени предмети, утврдување на објективни и субјективни критериуми кои влијаеле на евентуалното застарување на предметите само по себе е недоволно.“, рече Петровска.

Од коалицијата „Сите за правично судење“ додаваат дека суштинска проверка не би можело да се утврди преку еден ваков процес.

Инаку од високопрофилните предмет кои се во Кривичниот суд, а голем број од нив покренати од СЈО речиси и да нема најава да завршат.

Дел од тие предмети се и „Траекторија“, „Тортура“, „Тендери“, „ТНТ“, „Тотал“, „Трезор“, „Таргет-тврдина“, „Титаник“.

Нема ништо ниту од истрагите кои ги отвори СЈО, а сега преземени од редовното обвинителство: „Продуцент“, „Транспортер 2“, „Тарифа 2“, „Странски служби“, „Попис“, „Актор“, „Моќник“, „Базни станици“ и други.
И во новиот план на Владата, наречен „Акција 21“ како прв приоритет е судството, поточно неговото прочистување. Сепак, и претходно овој сектор беше посочуван како нешто за што ќе биде посветено најмногу внимание. Иако го имаше во планот 3-6-9, сепак и натаму недовербата на граѓаните во правосудниот систем е на ниско ниво.