Регионот ги олабавува мерките: Свадби од јуни, се укинува и полицискиот час

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради поволните епидемиолошки состојби, во дел од регионот се носат низа одлуки за олеснување на мерките против коронавирусот.

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ пред неколку дена нагласи дека најверојатно Србија ќе може да се врати на нормалниот живот од месец јуни.

„Би рекла дека многу веројатно дека од месец јуни ќе можеме да се вратиме на нормалниот живот. Ме загрижува нискиот број на вакцинација кај младата популација. Тие го држат клучот за крај на оваа епидемија. Во петокот покренавме голема кампања за вакцинирање на младите со помош на фестивал во нашата земја. Некоја желба наша е на 21 јуни да ја отвориме конечно Србија“, истакна Брнабиќ.

Хрватските медиуми пишуваат дека наскоро ќе бидат можни свадби со капацитет до 120 гости, а услов ќе биде истите да имаат негативен тест, да прележале коронавирус во последните ѓест месеци или да се вакцинирани со две дози.

Исто така, во Хрватска ограничувањето за собирање луѓе е зголемено од 25 на 100 лица, отворена е можноста за работа на рестораните во затворените делови и укинато е ограничувањето поврзано со погреби.

Во Косово пак, се најавува укинување на забраната за одржување веселби и свадби, која беше воведена со цел спречување на ширење на пандемијата, од средината на идниот месец.

Имено, Асоцијацијата на општините на Косово (АОК), по денешната средба со министерот за здравство, Арбен Витиа, соопшти дека наскоро се очекува и укинување на полицискиот час, а на 15 јуни и одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти.

Во однос на олеснувањето на мерките, во текот на неделава ќе се оцени ситуацијата според која се очекува укинување и на полицискиот час.

„Од средината на јуни ќе се олеснат мерките во врска со веселбите. Се очекува да се дозволи угостителството да работи до 24 часот, а организацијата на свадбите се очекува да биде дозволена од 15 јуни“, се вели во соопштението на АОК.

На 18 април Владата на Косово воведе општи мерки на ниво на државата за спречување на ширењето на пандемијата на Ковид-19, со кои се забрани движењето од 22.30 до пет часот наутро, додека на бизнисите им се дозволи да работат до 22 часот.