Регионот се затвора со полициски час – отворени остануваат само Македонија и Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во последните 24 часа, меѓу соседните држави, во Бугарија имаше најголем број заразени, 3.945 случаи. Албанија најмалку, а Македонија трета на листата.

-Албанија воведе полициски час од 22 часот до 6 часот

-Грција исто така воведе полициски час од 21 часот до 5 часот

-Косово има полициски час во неколку градови кои се со најмногу заразени

-Србија од утре воведува полициски час од 20 часот до 5 наутро

-Само Бугарија од земјите со кои граничиме нема полициски час

Грчкиот премиер побарал од граѓаните да ги почитуваат мерките, а рече дека затворањето не е лесно решение, бидејќи освен спроведувањето, мерките бараат и прилагодување.

„Секако денес, повеќе од било кога, потребно е сите да покажеме зрелост  и одговорност. Знам дека граѓаните се исплашени, уморни, вознемирени, огорчени“, истакна Киријакос Мицотакис.

Од националниот институт за здравство во Косово упатуваат јавен апел до граѓаните да бидат внимателни.

„Драги граѓани! Не дозволувајте затворање на сите заради невнимание на неколкумина!

Каде и да забележите лица кои не се придржуваат до препораките, советувајте ги!

Советувањето е граѓанска обврска! Ве молиме за зголемена внимателност! Вирусот е насекаде! Вирусот убива!“, велат од националниот здравствен институт на Косово.

Претседателот Илир Мета денеска се сретнал со регионалниот директор на СЗО  за Европа, др. Ханс Клуге. Според претседателот на Албанија, зголемувањето на буџетот за здравствениот систем, зголемениот број тестови и болнички капацитети како и надополнување на лековите се неопходни за надминување на ситуацијата.

„Дискутиравме за влошувањето на ритамот на ширење на пандемијата со Ковид-19 во нашата земја и  за итни ефикасни мерки што треба да се преземат за заштита на здравјето на секој граѓанин“, посочи Илир Мета.

Министерот за здравство вчера на прашањето за полициски час, рече дека нема потреба бидејќи е убеден дека новите мерки ќе дадат резултати.