Реконструкција на Владата, Дурмиши: Ќе се прави анализа на работата на функционерите, таму каде што ќе има потреба ќе има промени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во изјава за медиумите се осврна и на најавената реконструкција на Владата, која според најавите на премиерот Христијан Мицкоски треба да се реализира кон средината на јуни.

Дурмиши изјави дека ќе се направи анализа на работата на сите функционери, како во коалицијата ВЛЕН, така и кај владините партнери, при што најави можни промени таму каде што ќе се утврди потреба.

„Коалициските партнери, а сега и со консолидирањето на ВЛЕН во еден политички субјект, нормално е по овие две години да се направи анализа на работата на сите функционери, како и кај коалициските партнери. Таму каде што ќе има потреба да се зголеми капацитетот на работа, нормално дека ќе има промени на поединци или промени на ресори, а таму каде што сè е во ред ќе се продолжи со работа“, изјави Дурмиши.

Тој додаде дека по завршувањето на процесот на мониторинг, копретседателите на ВЛЕН ќе седнат на разговори со коалициските партнери за да се утврди како Владата ќе продолжи да функционира во наредните две години.