Рекорден број од над 280 новозаболени од Ковид-19 во Косово во 24 часа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) попладнево објави дека минатото деноноќие во земјата се потврдени 281 нов случај на заболени од Ковид-19, што претставува највисока бројка на новозаразени од коронавирусот од појавата на пандемијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вкупно досега, според официјалните статистики на косовските здравствени власти, вирусот е откриен кај 18.626 лица тестирани со методот РТ-ПЦР.

Минатите 24 часа се регистирирани и 97 излекувани, со што бројката на пациенти кои ја совладале болеста достигна до 15.925.

Во текот на вчерашниот ден имаше и четири нови случаи на починати лица кои биле заболени од Ковид-19, со што бројката на жртви на епидемијата се искачи на 673.

Активни носители на вирусот моментно во Косово се 2.658 лица.

Жариште на епидемијата во Косово е главниот град Приштина, поради што денеска се одржа средба на градоначалникот Шпенд Ахмети со министерот за здравство Арменд Земај. По средбата беше соопштено дека се разгледуваат нови мерки за справување со новиот бран на епидемијата, при што не се исклучува и повторното воведување на одредени порестриктивни мерки кои беа во сила во одреден период од соочувањето со заразата.

Земај вчера изјави дека се разгледува и можноста за „затворање на земјата“ доколку ситуацијата со ширењето на заразата ескалира, меѓутоа нагласи дека целосната изолација и затворањето на границите „сепак останува како последна опција“.