Министерот за економија Бесар Дурмиши не знае дали постои одлука на Економско социјалниот совет, чие функционирање е под негова надлежност, со препорака за намалување на цензусот од 10 на 5 отсто за членство на синдикатите во Економско социјалниот совет (ЕСС). Иако министерот денеска го бранеше предлогот за измени на Законот за работни односи поднесен од страна на пратениците од владејачкото мнозинство, дека треба да се намали овој праг, вели дека ваков заклучок немало на некоја од седниците на Советот.
„Немам таква информација, такво известување дека писмено е нешто такво одлучено“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Но, вчера, пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Бојан Стојаноски, меѓу другите аргументи зошто тој и дел од колегите пратеници од владејачката коалиција поднеле вакво барање за намалување на прагот, наведе дека имало и заклучок на Економско социјалниот совет.
„Практично тоа е нешто што беше договорено на претходната седница на Економско социјалниот совет и каде што сите што седат на таа маса дале согласност да се намали процентот на репрезентативност. Важно е да се укаже дека ова е барање и од Европската и Светската конфедерација на синдикални организации“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

По ваквото разногласие останува отворено прашањето дали министерот Дурмиши не е информиран за сѐ што заклучува на ЕСС или пратеникот Стојаноски има нецелосни или погрешни информации од седниците на Советот.
Сепак, и министерот и пратеникот имаа исти аргументи зошто треба да се намали цензусот, а тоа е демократизација на работењето на ЕСС и можноста повеќе синдикатите, а не само Сојузот на синдикати на Македонија да можат да учествуваат во работата на Советот. Наведоа и дека со измените на Законот голем дел од работниците, кои се членови на останатите синдикати, ќе бидат рамноправно застапувани и ќе се слушне нивниот глас.
Сојузот на синдикати на Македонија пак смета дека ова е удар врз нив и фаворизирање на друг синдикат кој нема да се противи на предлозите на владата и на работодавачите.
