Вчера во Скопје, официјално беше отворено светското првенство во училишен ракомет на ISF 2026 година.
Учествуваат над 20 делегации и над 600 учесници од целиот свет.
На отворањето присуствуваа функционери, а веќе денеска започнаа првите натпревари.
Сепак, и овој натпревар не остана без реакција од јавноста.

Бошњачката демократска унија во Македонија остро реагира на, како што велат, неправилното претставување на учесници на меѓународен ракометен турнир што се одржува во земјава, во рамки на International School Sport Federation.
Според нивното соопштение, во рамки на машкиот јуниорски турнир, во Групата А како „држава учесник“ е наведена Република Српска, што тие го оценуваат како неточно и неприфатливо.
„Потсетуваме дека ‘Република Српска’ не е држава, туку ентитет во состав на Босна и Херцеговина, меѓународно признаена суверена држава. Ваквото претставување претставува нарушување на основните меѓународно признати факти“, се наведува во реакцијата.
Од БДС истакнуваат дека спортските настани треба да бидат ослободени од политички и административни интерпретации и да ги почитуваат официјалните државни рамки. Воедно, бараат од организаторите итно да ја коригираат, како што велат, направената грешка и да го користат името Босна и Херцеговина како држава од која доаѓа тимот.
Од партијата очекуваат брза реакција и одговорно постапување, со цел да се избегнат дополнителни недоразбирања во јавноста. Соопштението е потпишано од претседателот на БДС, Мунир Колашинац.
Според информациите, испратена е и протестна нота до Светската федерација за училишен спорт.
