„Решението е во португалскиот предлог“, Османи: Дава гаранција за спроведување на договорот за добрососедство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Португалскиот предлог за решение меѓу Скопје и Софија е внимателен, имајќи ги предвид интересите на двете страни, оценува министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Без да открие детали од предлогот, шефот на дипломатијата синоќа во Клик плус рече дека предлогот го гледа како добра можност за нас и за Бугарија, кои можат да придобијат од ова посредништво.


„Јас мислам дека португалскиот предлог е добра основа за наоѓање решение бидејќи дава дополнителни гаранции, за имплементирање на договорот и бидејќи имаме согласност од двете страни дека договорот е решение, а португалското претседателство дава гаранција за имплементација на овој договор, тогаш каде е проблемот? Затоа јас мислам дека решението е во португалскиот предлог и мислам дека имаме простор следниве недели да дојдат и да дискутираме за овој предлог и евентуално да одобриме двете страни да одиме напред“, посочи Бујар Османи.


Извршниот директор на Еуротинк, Димитар Николовски, португалскиот предлог го гледа само како лесно одмотување на проблематичните прашања и не очекува да се реши нешто, меѓутоа може да даде основа за подоцна да се деблокира. Што се однесува до Договорот за добрососедство, тој смета дека истиот не е спроведен како што треба.


Што се однесува до спроведувањето на Договорот за добрососедство, Николовски за поитно го гледа спроведувањето на економските и инфраструктурни проекти.


Од тоа што до сега го открија бугарските медиуми од португалските предлози, меѓу другото се вели дека Македонија треба да се согласи дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945, но за Бугарија е неприфатлив фактот дека не се спомнува потеклото на јазикот кој според нив е бугарски.

Понатаму се вели дека македонските власти треба да подготват Акционен план за спроведување на Договорот за добрососедство преку Процес за стабилизација и асоцијација. Конечниот став на Бугарија за овој предлог се очекува на 22 јуни, на Советот за општи работи на ЕУ кога ќе се донесе одлука за Македонија и Албанија.