Решението не содржи одложени уставни измени?! Мицкоски: Нашата црвена линија е позната

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нашата црвена линија е позната – вака премиерот Христијан Мицкоски ги искоментира пораките од високи претставници на ЕУ, кои во Брисел брифирале дека се работи на изнаоѓање на креативно решение за деблокада. Сепак, според нив, уставните измени со одложена примена за што се залагаат домашните власти, не биле опција. Тие додале дека се бараат гаранции во иднина Македонија да не биде блокирана поради билатерални прашања.

„Не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека нема да има блокади со билатерални договори во преговарачката рамка, не знам кој е тој и како ќе ги даде. Единствената гаранција којашто ние ја дадовме е претставена пред нашите стратешки партнери и тоа е максимумот што можеме да го направиме.“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ако политичарите во Брисел решиле да бидат заложници на билатерализацијата која доаѓа од политичари од средниот век, во тој случај да ја остават Македонија да продолжи да ги спроведува домашните реформи.

Последно, новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, го повтори ставот на ЕУ за условот на Македонија, што пак наиде на критики кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

„Ние очекуваме Северна Македонија да го промени Уставот, затоа што ова е всушност нешто на што сметаме, ништо повеќе и ништо помалку.“, изјави Кос.

„Тоа мене ми личи на софистицарано „евромандаринство“. Тоа мене ме плаши од дикција која значи директно мешање во внатрешните работи.“, рече Сиљановска-Давкова.

Премиерот Мицкоски во вторник патува за Брисел, каде ќе се сретне со новиот претседател на Советот на ЕУ Антонио Кошта и се очекува да зборуваат за деблокада на процесот.