Решенијата се бараат низ болничките ходници, ултиматум од Бугарија – потпис на анекс или ништо од ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпис на анекс со 12 точки бара Бугарија или С. Македонија да се збогува со надежите за влез во европското семејство.

„Северна Македонија има шанси да добие датум за почеток на преговори уште другиот месец или овој месец јануари, ако на крај седнат и потпишат анекс на договорот кој ние го предлагаме. Таму има 12 точки кои се многу јасни“, истакна Красимир Каракачанов.

А меѓу 12. точки кои ги предлага Бугарија се и откажување од историски претензии, малцинствата, промени во образованието.За време пак на синоќешното дежурство, министерот за надворешни работи д-р Османи на социјалната мрежа Фејсбук, напиша дека најдобрите совети ги добива токму низ болничките ходници.

„Најдобрите  совети и за надворешната политика ги добивам од луѓе во доцните часови на дежурствата, низ ходниците на клиниката, чекајќи ги резултатите од испитувањата“, посочи Бујар Османи.

Во интервју за Радио Слободна Европа вели дека не можеме да ги гледаме соседите со исти очила од минатото.

„Сега кога влегуваме во друг сојуз со други држави и во НАТО и во ЕУ, со Бугарија, со Грција, со Албанија, не можете со истите очила да го гледате светот. Но, јас велам не да се наметне нов наратив да го замени тој претходниот, туку да се прекрши, да се отворат ограничувањата, рецидивите останати, наследени од историјата, коишто се создадени под еден друг плашт на државен интерес, туку за првпат на погледот кон соседите, кон историјата да се создаде во Скопје, овде, од граѓаните на Република Северна Македонија – Македонци, Албанци, Турци и сите други“, порача Бујар Османи.

Македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров пред неколку дена изјави дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања, алудирајќи на парламентарните избори што во Бугарија треба да се одржат во март.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие пред три месеци алармирале дека постои анекс на договор, прашуваат дали со ова почнува како што велат тие распродажбата на македонскиот идентитет.

„Кој го видел нон пејперот од Бугарија? Што содржи Анексот од 12 точки кој Владата го крие од очите на јавноста? До каде е подготвена Владата да ги прифаќа предизборните барања на Бугарија? Дали Бучковски следнава недела во Софија ќе дискутира за македонскиот јазик и македонската историја? Дали образовната реформа на Мила Царовска со која се укинува предметот историја е за да се исполнат бугарските барања?“, потенцира Стефан Андоновски.

Од МНР информираат дека министерот Бујар Османи со неговата бугарска колешка, Екатерина Захариева неделава договорил во текот на претстојните денови двете страни да разменат предлози во однос на Акцискиот план. Додаваат дека во оваа насока очекувано е специјалниот претставник Владо Бучковски во наредниот период да оствари чести патувања на релација Скопје – Софија.