Ревизија откри низа неправилности во Академијата за судии и обвинители: спорни исплати, јавни набавки и блокиран прием на нови кадри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Низа неправилности во финансиското, кадровското и организациското работење на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ констатирал Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за работењето на институцијата во 2024 година. Ревизорите утврдиле спорни исплати на надоместоци, пропусти во ангажирањето на ментори и координатори, прекршувања во евидентирањето на прекувремената работа, слабости во системот на јавни набавки, како и недостатоци во постапките за прием и оценување на идните судии и јавни обвинители.

Според извештајот, членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет добивале месечни надоместоци во полн износ, наместо пропорционално на присуството на седниците. Дополнително, втората фаза од почетната обука за осмата генерација слушатели била завршена три месеци по законскиот рок, што довело до дополнителни трошоци за ангажираните ментори и координатори.

Ревизорите утврдиле и дека дел од договорите со менторите за практична настава биле склучувани по истекот на периодот за кој се однесувале, додека надоместоци биле исплаќани и на координатори чиј статус не е регулиран со Законот за Академијата. Исплати биле вршени и на членови на комисии за оценување на практичната настава, иако такво право не е предвидено со закон.

Во делот на работните односи е констатирано надминување на законскиот лимит за прекувремена работа без соодветно известување до трудовата инспекција. Во еден случај, вработен добил исплата за прекувремена работа во денови кога истовремено користел дневници за службено патување во странство и присуствувал на седница во рамки на редовното работно време.

Недостатоци се утврдени и во управувањето со материјалните ресурси. Академијата немала евиденција за тоа на кои лица им биле доделувани картички за гориво и за какви потреби биле користени. Кај јавните набавки, ревизорите утврдиле случаи на користење критериуми што не биле директно поврзани со предметот на набавката, како и набавки реализирани без спроведување соодветна постапка.

Извештајот посочува дека во периодот од 2011 до 2023 година за одредени услуги континуирано бил користен ист економски оператор преку постапка на преговарање без објавување оглас, без обезбедување конкуренција. Дополнително, биле утврдени слабости во системот за полагање испити, откако електронскиот систем не функционирал, а законските измени овозможиле полагање на хартија. Според ревизорите, сепак не постои доволна сигурност во резултатите бидејќи тестовите не биле сериски нумерирани, а резултатите не биле обработувани веднаш по завршувањето на испитите.

Посебно внимание во извештајот е посветено на постапката за прием на деветтата генерација слушатели. Конкурсот за прием на 130 кандидати најпрво бил стопиран од Државната комисија за спречување на корупцијата, потоа дополнително блокиран од Владата, а во декември 2025 година целосно поништен.

Наодите биле разгледани на завршен состанок со раководството на Академијата одржан во февруари 2026 година. Писмени забелешки доставила и поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска, која навела дека утврдените пропусти не биле резултат на намера за заобиколување на законите, туку последица на обемната работа и ограничените човечки ресурси во периодот кога Академијата спроведувала прием и обука на неколку генерации кандидати за судии и јавни обвинители.

Проблемите со приемот на нови генерации слушатели имаа директни последици врз пополнувањето на судските и обвинителските редови. Граѓанските организации и стручната јавност со години предупредуваат на недостиг од судии и јавни обвинители, оценувајќи дека застојот во Академијата дополнително го продлабочува кадровскиот дефицит во правосудниот систем.