Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди сериозни слабости во работењето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), кои се однесуваат на управувањето со здравствените услуги, финансирањето, јавните набавки и функционирањето на информацискиот систем. За работењето во 2024 година, ревизорите дале мислење со резерва за финансиските извештаи и за усогласеноста со законските прописи.
Според ревизорскиот извештај, ликвидноста на ФЗО била значително нарушена поради доцнењето со исплатата на придонесите од државните институции. До крајот на февруари 2026 година, неплатениот долг на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал околу 137 милиони евра, додека Министерството за здравство должело дополнителни 35 милиони евра за здравствено осигурување на неосигурени лица.
Ревизорите констатирале и слабости во контролата на фактурирањето на здравствените услуги, како и во функционирањето на информацискиот систем и спроведувањето на јавните набавки. Од вкупно 44 контроли извршени во текот на 2024 година во јавните болнички установи, кај речиси половина биле утврдени неправилности.
Во извештајот се посочува дека актуелниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не е доволно поврзан со реалниот обем на здравствени услуги што ги обезбедуваат. Дополнително, голем дел од референтните цени за здравствените услуги не биле ажурирани повеќе од десет години, поради што не ги одразуваат реалните трошоци за нивно извршување.
Државниот завод за ревизија препорачува преземање мерки за подобрување на финансиската дисциплина, зајакнување на контролите, модернизација на информацискиот систем и реформирање на моделот за финансирање, со цел да се обезбеди поефикасно и поодржливо функционирање на здравствениот систем.
