Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на ЈП Комунална хигиена – Скопје за 2024 година, утврди бројни финансиски и административни неправилности. Претпријатието има околу 12 милиони евра долгови, над 2 милиони евра побарувања со неизвесна наплата, како и неевидентиран имот во вредност од околу 472 илјади евра. Исто така, во текот на минатата година преку приватни агенции биле ангажирани 354 лица, за кои биле потрошени над 3 милиони евра. Ревизијата утврдила и сериозни проблеми во функционирањето. Од 189 комунални возила, само 76 се во исправна состојба, додека околу 60 проценти од возниот парк се надвор од функција. Констатирани се и финансиски загуби, слаба ликвидност и неправилности при пресметката на платите. Ревизорите оценуваат дека ваквата состојба го загрозува квалитетот на јавните услуги и препорачуваат итни мерки за финансиска стабилизација и модернизација на претпријатието.
