Жителите на село Чајле протестираа поради тоа што Министерството за транспорт и врски започна со асфалтирање на патот Чајле – Форино, а на истиот пат се уште не е поставена канализација. Жителите бараат од Министерството да даде дозвола на општина Гостивар да постави канализација и потоа да се асфалтира патот.
„Владата не им даде дозвола и затоа сите улички се направени, ова е главниот пат, еден километар, ова е манипулација и мене не ме интересира. Ветувањата кои се дадени неколку години по ред треба да се анализираат и зборуваме за канализација која е основно нешто кое е потребно за здравјето на луѓето.
ЈП “Државни патишта„ да не почне со реконструкција на патот бидејќи наместо да ни помогнат, ние како село ќе бидеме уште повеќе оштетени, поради тоа што се уште не е завршена канализацијата која ја прави Општина Гостивар, која започна минатата година. Канализационата мрежа треба да помине по главниот пат на селото, но Владата не и даде дозвола на Општината иако барањето во Влада е доставено навреме.
Кој не ја издава таа дозвола, тој е политички мотивиран, како и секогаш ние знаеме каде е тој политички јазол и немаме можност да го решиме тоа, ја држат државата во раце. Ние имаме потреба од канализација бидејќи асфалтот нема да трае долго без канализација“, вели жител.
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, вели дека го разбира протестот на граѓаните. Тој истакна дека доколку надлежното министерство им ја издаде дозволата, за 10 дена ќе заврши канализацијата.
„Жителите на село Чајле со право протестираат и имаат право да протестираат бидејќи тоа што се случува во Чајле, на општина Гостивар и се случува веќе 2 години и секоја работа која сме ја почнале требаше да земеме дозвола од некое министерство, секој пат кога Општина Гостивар се соочила со пречки и ова е последниот случај за село Чајле“, посочува Арбен Таравари.
Пред неколку дена ЈП „Државни патишта“почна со асфалтирање на регионалниот пат Чајле – Форино. Жителите и општината велат дека не се известени од никоја институција за овие градежни работи.
