Резултатите од анализите на водата во Гостивар, кои во текот на денот ги изврши Институтот за јавно здравје, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, информираше директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, на прес-конференција во Владата.
„Не е важно само да се утврди причината, туку најважно е да се утврди одговорноста. Никој не смее да го загрозува здравјето на граѓаните. Како Институт продолжуваме да ја следиме епидемиолошката состојба“, изјави Андоновска.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа која е причината за состојбата во Гостивар, министерот за здравство Сашо Клековски рече дека резултатите ќе бидат објавени откако Јавното обвинителство ќе даде согласност за нивно споделување.
„Анализите се направени по барање на Обвинителството и кога тоа ќе даде согласност резултатите да бидат јавно објавени, ние ќе ги објавиме. Не сакаме да се мешаме во истрагата“, изјави Клековски, додавајќи дека храната како причина е исклучена.
