Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, оствари работен состанок со министерот за спорт, Борко Ристовски, во „Куќата на фудбалот“.
На средбата, на која присуствуваше и генералниот секретар на ФФМ, Дрилон Ганиу, се разговараше за стратешки проекти насочени кон унапредување на фудбалот и спортската инфраструктура во земјата. Посебен акцент беше ставен на распределбата на средствата од државниот буџет, поддршката на младинските селекции и подобрувањето на условите за домашните натпреварувања.
Министерот Ристовски ја истакна заложбата за поголеми инвестиции во фудбалот и најави партнерски однос со ФФМ, нагласувајќи дека развојот на спортот останува приоритет во националните спортски политики.
„Фудбалот е јавен интерес и наша обврска е да обезбедиме правичност и еднакви можности за сите клубови. Поддршката на Федерацијата и спортските иницијативи е од клучно значење за градење стабилна спортска инфраструктура“, изјави министерот Ристовски.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, ја поздрави соработката со Министерството за спорт и ја истакна важноста на транспарентното финансирање и развојот на сите нивоа во фудбалот.
„Ја цениме поддршката од државата во создавање подобри услови за спортот. Се согласивме дека распределбата на средствата треба да биде правична и усогласена со потребите на клубовите. Имаме јасна визија за развој на фудбалот, а со вистински партнер оваа визија ќе биде остварлива“, истакна Омерагиќ.
На состанокот беа разгледани и можностите за привлекување нови инвестиции, подобрување на тренинг центрите и подигнување на квалитетот на домашната лига. Заклучокот беше дека заедничката соработка меѓу Министерството, Федерацијата и локалните самоуправи е клучна за долгорочниот развој на спортот во Македонија.
