Роаминг како дома од идната година? Андоновски: Ние сме подготвени очекуваме да го потпишеме договорот со ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На почетокот на идната година се очекува да стартува системот „Роаминг како дома“. Ова на брифинг со новинарите го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски кој рече дека сите подготовки од наша страна се завршени и се очекува потпишување на договорот со Европската комисија за оваа иницијатива. Андоновски појасни дека трошоците за роаминг комуникациите во земјите од Европската унија ќе бидат исти со оние што граѓаните ги плаќаат во земјава, а истото ќе важи и за странците кои ќе ги користат роаминг услугите кога ќе дојдат кај нас.

-Околу роковите тие не зависат од нас, позитивно е тоа што преговараме секоја држава секоја за себе што значи дека колку побрзо ќе ги исполниме условите и колку побрзо ќе тече процесот толку побрзо и ќе го завршиме. Очекувам во текот на оваа година да завршат преговорите и да го утврдиме текстот на договорот тој да помине на владина седница, да биде ратификуван во Собранието и да бидеме подготвени први да го започнеме овој процес од Западен Балкан. Мојата искрена надеж е дека тоа ќе биде 2027 година јануари, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Министерот Андоновски го презентираше и системот СМАРТ лиценци кој претстаува целосно електронски систем на издавање проверка и јавно следење на лиценци преку електронски регистар и QR код.

-Наместо документ што се носи, фотокопира, препраќа и тешко се проверува, воведуваме модел во кој постои еден официјален електронски запис, поврзан со QR код и со електронски регистар кој ја покажува точната моментална состојба. Со едно скенирање ќе може да се провери официјалниот статус на лиценцата, дали е важечка, истечена, суспендирана, укината или во постапка, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Андоновски додаде и дека овој модел, кој ќе ја олесни проверката на фирмите, е во фаза на тестирање кое треба да заврши до крајот на месецов, по што и официјално ќе биде пуштен во функција.