Иако за денеска беше планирано да се донесе одлука дали предметот „Алфа“ ќе оди или не на повторно судење, ова рочиште беше одложено за 25 декември. Причина е отсуството од здравствени причини на судијката Анита Бошковска. Отсуствуваше и обвинителот кој го застапува обвинителството, Бобан Лазаревски. Судот мора да одлучи по жалбата на одбраната, која тврди дека обвинетиот Алмир Дрпљанин е невин.
Асмир Алиспахиќ, адвокатот на осудениот Алмир Дрпљанин, вели дека сите докази говорат дека Дрпљанин но и Ислами, па дури и покојниот Реџаил Ќерими, не го сториле делото за кое се товарат. Поради оваа причина, Алиспахиќ се надева дека оваа повеќегодишна битка ќе заврши со позитивно решение.
Рамиз Даути, екс затвореник од случајот Алфа се разочара кога слушна за одложувањето на рочиштето. Според него, овој голем ден се претвори во мал ден.
-Повторно сум песимист во однос на тоа дека ден пред рочиштето по којзнае кој пат се менува и треба да чекаме уште еден месец. Имајќи предвид дека пред 21 месец доставивме супер вештачење. Апелациониот суд доцнеше 16 месеци, Врховниот суд сега го одложи пет месеци и го одолговлекуваше случајот за Алмир, така што не знам, немам коментар. Очекував дека ќе биде голем ден, но всушност испадна дека е мал ден исто како сите овие 15 години.-вели Даути.
Новиот судечки совет за овој предмет го предводат судијата Џемали Саити, судиите Шпенд Деваја, Елица Крстевска, Анита Бошковска и Мирјана Лазаревска. Судечкиот совет пред неколку месеци констатира доцнење во случајот „Алфа“ за што беа изречени дисциплински мерки за судиите кои го одлагаа предметот. Инаку, на 26 овој месец ќе се навршат 15 години од убиството кај Математичкиот факултет во Скопје, а за ова убиство на доживотен затвор се осудени Агим Ислами, Алмир Дрпљанин и Реџаил Ќерими. Последниот почина во затвор чекајќи ја правдата.
