Родители со своите деца излегоа на улица – Протест против дигитални учебници, МОН вели ова е апсурдно

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Дигитализацијата на учебниците носи нови проблеми во образованието, а нашите деца не се експериментални глувчиња“, беше мотото на протестот против дигиталните учебници. Деца и родители со книги в раце пред МОН побараа повлекување на одлуката за дигитализација на наставниот материјал.

Протести се организираа и во другите градови. Во Тетово пред општинската зграда, родителите побараа за секаков вид реформа која може да се спроведе во образованието, Министерството да се консултира со претставниците на родителите и граѓанскиот сектор.


„Доволно беше година и пол онлајн настава во време на пандемија за да покаже и докаже дека ваквиот начин не може да функционира. Како прво бараме учебниците да останат во употреба за сите паралелки и во основно, и во средно образование, да се изготват протоколи за настава со физичко присуство во време на пандемија со цел од 1 септември 2021 година учениците да се вратат на училиште со физичко присуство“, рече Аријанит Џафери од Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.


И во Кичево родителите го искажаа револтот против најавените промени во образовниот процес.

Родителите бараат да се организира референдум на кој граѓани ќе се изјаснат во однос на дигитализацијата на учебниците. Од МОН велат дека протестите се апсурдни, бидејќи, како што уверуваат, реформите ќе го унапредат образовниот процес.


„Министерството за образование и наука целосно го легитимира правото на протест на граѓаните, затоа што е уставно загарантирано. Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана. Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества“, посочија од МОН.


Родителите најавија дека доколку не бидат прифатени барањата, нивните деца ќе ја бојкотираат наставата.