Објавувањето на имињата на новите министри покажа дека и новиот владин состав е далеку од рамноправна родова застапеност. Од вкупно 16 министерства, само 4 од нив ќе бидат раководени од жени. Станува збор за:
Радмила Шекеринска – Министерство за одбрана
Мила Царовска – Министерство за образовани и наука
Јагода Шахпаска – Министерство за труд и социјална политика
Ирена Стефковска – Министерство за култура
Според Националниот совет за родова рамноправност, овие имиња јасно покажале дека во новата Владата нема да има родова еднаквост. Според Савка Тодоровска, ова е последица на тоа што политичарите немаат родова сензитивна волја и што нашата земја е далеку од европските концепти.
Но, дали родовата нерамноправност поттикнува потреба за законски измени или пак, проблемот е во постоечките закони? Од Невладината „Реактор“ со одговор:
„Новиот предлог состав за Влада нема значајни промени во однос на застапеноста на жени споредено со претходниот владин состав, бројката е повторно ниска и кај коалициониот партнер ДУИ не видовме прифатен предлог за ниту една жена ниту за ресорните министерства ниту за вицепремиерските позиции. Политичките партии при предлозите за состав на нова Влада, при именувања и избор на функционери мора да ги почитуваат одредбите од Законот за еднакви можности на жените и мажите, како и Стратегијата за родова еднаквост“, велат од НВО „Реактор“.
Дали родовата еднаквост би претставувала само вклученост на жените на високи државни позиции или можеби пак, и поквалитетно раководство? И од „Реактор“, и од Националниот совет, сметаат дека тоа би значело поголем успех на институциите во спроведувањето на реформи, а како пример за тоа го наведуваат Министерството за одбрана и Министерството за труд и социјална политика. Покрај 12 министерски, во владиниот состав мажите ќе имаат и три вицепремиерски позиции. Со оглед на тоа што Владата сѐ уште не е изгласана во Собрание, Тодоровска смета дека политичките партии сѐ уште имаат време да ја исправат грешката.
