Рок од една недела за ослободување на „Женскиот пазар“, Муфтиството попушти – продавачите ќе работат до август

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Продавачите на „Женскиот пазар“ во Тетово добиле известување од Муфтиството на Тетово дека во рок од една недела треба да го напуштат просторот.

Ова ги револтирало, бидејќи велат дека веќе 30 години продаваат тука и со оваа работа ги издржуваат своите семејства.

Покрај тоа, дадениот рок е многу краток, бидејќи имаат инвестирано во робата што ја продаваат, а сега таа ќе им остане непродадена.
Бараат од Муфтиството да најде решение или да им се одреди друга локација.

„Бараме од Исламската верска заедница, бидејќи вчера ни дојдоа како на свадба и ни рекоа итно, уште следната недела, да се ослободи Женскиот пазар. Јас таму работев и издржував семејство 30 години. Имам направено уплати, вкупно 18 илјади евра, плаќав по 50 евра месечно, а само четири дена сум работел таму. Се согласувам дека тоа е имот на ИВЗ, но државата, како држава, треба да понуди рок од два или три месеци и да најде друго место каде што јас би работел.

„Не знаеме ниту едно место во светот каде што нема пазар, и автоматски мнозинството луѓе на тој пазар имаат инвестирано во стока, купиле облека, купиле производи, и да дојдеш да кажеш дека следната недела се затвора е малку апсурдно. Повеќето објекти што ги имаме се со дуќани, тие колку-толку работат, а сега некој доаѓа и вели дека мора да се затвори. Што ќе се случи со конструкцијата на тие куќи, дали тоа некому му е важно?

„Секој град има Женски пазар, единствениот град што ќе остане без него ќе биде Тетово. Тие куќи, поради пазарот, ги одржуваат во живот и дуќаните; со еден куршум се убиваат две лица.“

Тетовскиот муфтија Селвер Џемаили, по средбата со продавачите, изјави дека тие ќе имаат време до август наредната година да го користат просторот.

„Денес, во разговор со сопствениците на тезгите, се договоривме во временски рок додека не ја продадат стоката, односно до крајот на август, да работат и да го користат просторот, додека останатиот дел што е надвор од функција да се отстрани од таму и просторот да се искористи за паркинг или за некоја друга дејност, зависно од потребата.“, рече Џемаили.

Секој четврток во Тетово е пазарен ден. На таканаречениот Женски пазар доаѓаат продавачи од цела Македонија. Но, покрај на пазарот, продавачите продаваат и по улиците и тротоарите. Ова често ја отвора дебатата дали треба или не треба да се дозволи уличната продажба.