Рокада на амбасадорите на Албанија во Македонија – Петрит Малај доаѓа во Скопје, Денион Мејдани заминува во Приштина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дека постапувал надвор од вообичаените дипломатски практики додека бил амбасадор во Скопје, призна и самиот.

„Во Приштина ќе го донесам она што го научив во Скопје. Дипломатија што е присутна на терен, блиску до граѓаните, активна во јавната и економската дипломатија, која ја претвора амбасадата во конкретно место за поддршка. Можеби имало случаи кога, според вкусот на некои, не сум бил многу ортодоксен, не ветувам дека целосно ќе ја напуштам оваа навика, не можам дури и да сакам, но ветувам дека ќе ја користам само таму и тогаш кога му служи на постигнувањето на целта на албанската кауза“, вели Денион Мејдани.

Невообичаениот пристап на албанскиот амбасадор во Скопје, Денион Мејдани, и многубројните реакции што ги предизвика во Македонија, ја натераа официјална Тирана да направи рокада на амбасадорите пред да им завршат мандатите. Така, Мејдани ќе замине за амбасадор во Приштина, а Петрит Малај од Приштина доаѓа во Скопје.

„Ќе се обидам да имам соодветна комуникација со сите албански политички сили, бидејќи не би сметал дека е корисно за Албанија да има определена насока, но несомнено ќе треба да соработувам со сите. Секако дека ќе треба да соработувам со Владата на Македонија, но во конкретниот случај зборувам за Албанците, за да се почитуваат, на крајот на краиштата, Уставот и Охридскиот договор“, вели Петрит Малај.

Двајцата, на расправата во Комисијата за надворешни работи на Собранието на Албанија, ги претставија своите кандидатури.

Малај стави акцент на заштитата на правата на Албанците, почитувањето на Охридскиот договор и употребата на албанскиот јазик. Тој нагласи дека Албанија ќе продолжи да ги поддржува Албанците преку институционални канали, оценувајќи ги како клучен фактор за стабилноста и развојот на државата.

Како други приоритети, Малај ги спомена промовирањето на Коридорот 8, зајакнувањето на економската соработка и билатералните инвестиции, како и проширувањето на соработката во образованието, културата и енергетиката. Тој се обврза на активна и превентивна дипломатија, со отворени контакти со албанските и македонските политички партии, како и на соработка во борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и безбедносните закани.