Рубио: Секој нуклеарен договор со Русија мора да ја вклучи Кина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави, во пресрет на истекот на договорот Нов СТАРТ со Русија, дека секој нуклеарен договор со таа земја мора да ја вклучи и Кина.

Рубио на прес-конференција потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп во минатото јасно ставил до знаење оти е невозможно да се постигне вистинска контрола на вооружувањето во 21 век доколку во процесот не биде вклучена Кина, поради нејзините „огромни резерви кои брзо растат“, соопшти Стејт департментот.

Американскиот државен секретар додаде дека нема ништо ново да соопшти во врска со новиот Договор за намалување на стратешкото вооружување (СТАРТ) со Русија, кој истекува на полноќ, и дека очекува Трамп подоцна да го изнесе својот став по тоа прашање.