Русија доставила листа на барања до САД за договор околу завршување на војната

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Русија им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната во Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за Ројтерс две лица запознаени со ова прашање.

Не е јасно што точно ставила Москва на својата листа или дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да ги прифати барањата, наведува агенцијата.

Руските и американските официјални лица разговараа за условите за време на лични и виртуелни разговори во текот на изминатите три недели, велат изворите. Тие ги опишаа условите на Кремљ како широки и слични на барањата што претходно ги постави до Украина, САД и НАТО.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека американските претставници одат во Русија на разговори за американско-украинскиот договор за 30-дневен прекин на огнот и пат кон мировни преговори.
Претходните руски услови вклучуваа нечленство на Киев во НАТО, договор да не се распоредува странски војници во Украина и меѓународно признавање на тврдењето на претседателот Владимир Путин дека Крим и четири провинции и припаѓаат на Русија.

Русија, исто така, во последниве години бараше од САД и НАТО да ги решат, како што ги нарече „основните причини“ на војната, вклучително и проширувањето на НАТО кон исток.

Трамп го чека одговорот на Путин за тоа дали ќе се согласи на 30-дневен прекин на огнот што украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот рече дека ќе го прифати како прв чекор кон мировните преговори.