Русија денеска соопшти дека Украина се обидела да нападне компресорска станица што го снабдува гасоводот Турски тек.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана соборила девет украински беспилотни летала кои се движеле кон компресорската станица Рускаја во јужниот руски регион Краснодар.
Се наведува дека нема жртви меѓу персоналот стациониран на станицата, иако инфраструктурата претрпела мала штета „поради фрагменти од соборените беспилотни летала“. Екипите за итни случаи на ПЈС Гаспром веднаш ги елиминираа последиците од паѓањето на отпадот, а опремата е обновена“, се вели во соопштението.
Тие додаваат дека нема никакви нарушувања во работата на станицата, тврдејќи дека целта на нападот била да се запре испораката на руски гас за европските земји.
Украинските власти се уште не ги коментирале руските тврдења. Турски тек е гасовод кој води од Русија до Турција. Почнува од компресорската станица Рускаја во близина на Анапа во рускиот регион Краснодар, минувајќи низ Црното Море до терминалот за прием во Кијикој во северозападна Турција.
Овој гасовод се состои од два крака од 930 километри, кои се протегаат од Русија до Турција преку Црното Море, и посебен копнен крак од 142 и 70 километри. Првиот крак со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри е наменет за снабдување на домашните корисници во Турција, а вториот со уште 15,75 милијарди кубни метри го транспортира рускиот гас понатаму во Југоисточна и Централна Европа.
ФОТО: Архива
