Русија се одмаздува, протера македонски дипломат – Османи: Ќе има негативно влијание врз билатералните односи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Како контра одговор за протерувањето на рускиот дипломат од Северна Македонија, Русија прогласи за персона нон-грата вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва.

„Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадор на Северна Македонија во Руската Федерација, беше повикана во руското Министерство за надворешни работи на 10 јуни, каде што и беше врачена нота, со која се прогласува за персона нон-грата вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва.“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Руската федерација.

Во соопштението на Руското МНР се вели дека ова мерка е одговор на немотивирана одлука за прогласување руски дипломат за „персона нон грата“ во Руската амбасада во Скопје.

Во врска со ова, преку Твитер реагираше македонскиот МНР, Бујар Османи.

„Жалам за неоснованата одлука на руската МНР, едноставно е одлука за политичка одмазда, и тоа без сомнение ќе има негативно влијание врз билатералните односи меѓу РСМ и Руската Федерација.“, напиша Османи.

Пред околу месец дена, РСМ, основајќи се на член 9 на Виенската конвенција за дипломатски односи, прогласи персона нон-грата дипломат на Руската амбасада во Скопје. Не беа откриени причините за протерувањето, но истиот во рок од 7 дена требаше да ја напушти Северна Македонија.