Руската рубља го достигна најниското ниво во последните две години

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Руската рубља во средата падна на најниско ниво во повеќе од две години, резултат на комбинацијата на ниски цени на нафтата, нови санкции против руските компании и зголемени владини трошоци за воените напори, што дополнително ја оптоварува руската економија.

Централната банка на Русија одговори со суспендирање на купувањето валути до крајот на оваа година, потег со кој се сака да се ограничи понудата на рубљата на пазарот и да се стабилизира нејзиниот девизен курс. Слична мерка беше воведена минатата година по бунтот на водачот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, што предизвика криза на довербата во руската економија.

Одлуката треба да помогне да се спречи инфлацијата, која ја принуди централната банка да ја зголеми основната каматна стапка на 21 процент. Иако официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата е 8,5 отсто, приватните истражувања, како она на РОМИР, укажуваат на тоа дека вистинската стапка на инфлација е многу повисока.

Рубљата беше под постојан притисок во текот на летото, делумно поради падот на цената на нафтата, која останува најважниот извоз на Русија и покрај западните санкции. Слабата побарувачка од Кина и Европа, како и зголеменото производство на нафта од САД, Бразил и Гвајана дополнително ги намалија цените. Оваа недела цените на Брент паднаа за речиси 4 отсто, делумно благодарение на прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах.

Притисокот врз рубљата дополнително е засилен со новите американски санкции, вклучително и мерките против Гаспромбанк, која досега ги обработуваше плаќањата за преостанатиот извоз на руски гас во Европа. Санкциите вклучија и 50 руски банки со меѓународни врски, повеќе од 40 регистри на хартии од вредност и 15 финансиски службеници.

„Пакетите за санкции имаат свои негативни ефекти, кои Русите најмногу ги чувствуваат преку високата инфлација“, вели Гжегож Дрозџ, пазарен аналитичар од Конотоксиа.

Рубљата падна на 114,75 во однос на американскиот долар, ниво невидено од март 2022 година, веднаш по почетокот на војната во Украина. До крајот на тргувањето во Москва, валутата благо закрепна на 113,15, но сепак беше во минус за повеќе од 7 отсто за еден ден.

Политиката на високите каматни стапки на Централната банка на Русија предизвика зголемени критики од водечките индустријалци во земјата, како што се металуршкиот магнат Олег Дерипаска и Сергеј Чемезов, шеф на моќниот одбранбен конгломерат Ростех.

„Изгледа дека лекот е поштетен од самата болест“, изјави претседателот на Северстал, Алексеј Мордашов за време на конференцијата во Санкт Петербург.

„Потребни се сериозни дискусии на оваа тема“, додаде Мордашов. „Ова е ситуација без преседан во современата светска историја, каде каматната стапка на централната банка е 2,5 пати повисока од инфлацијата, а валутата продолжува да ја губи вредноста.

На последната седница Централната банка на Русија ги зголеми каматните стапки на 21 отсто, а гувернерката Елвира Набиулина се закани со дополнително зголемување. И покрај овие мерки, рубљата изгуби речиси четвртина од вредноста во однос на доларот оваа година, пишува Politico.