Што значи загрозена безбедност на јавните финансии? Објаснува Глигор Бишев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев вечерва во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 објасни што конкретно значи за државата кога е загрозена безбедноста на јавните финансии.

„Ние посочивме дека прекршени се фискалните правила и дека постојат одредени ризици, инаку ако се споредиме со голем број на други земји, во овој период на ковид кризата, скоро сите земји го зголемија степенот на задолженост – прашањето е дали вие управувате со таа задолженост која во моментот го има надминато нивото со законот за буџет. Ние укажавме на одредени ризици се со цел да се подобри тоа управување и да одредени потенцијални ризици бидат избегнати“, вели Бишев.

Според него, ние се уште сме во зона каде што ризиците можат да бидат контролирани и да имаме меко спуштање кон остварување на фискалните правила.

„Ризиците се вие да биде перцепиран за презадолжен и тогаш кога позајмувате било во земјата или странство за да го финансирате буџетскиот дефицит, каматните стапки почнуваат да растат и да се високи, и тогаш доаѓате потешко до кредитирање на приватните финансиски пазари, и тогаш ќе мора да се обратите до меѓународните финансиски институции – ММФ или Светска банка кои одобруваат кредити под одредени услови односно да преземете соодветни колективни мерки“, вели Бишев.

Според него, доколку продолжи да расте долгот тогаш кредиторите можат да кажат дека ја перцепираат државата тотално ризично и нема да ја кредитираат.

„Тогаш буџетот мора да ги намали расходите и доаѓа до неликвидност во економијата. Ова е екстремно сценарио и Македонија не се наоѓа во таа фаза“, вели Бишев.