Поранешната обвинителка Вилма Рускоска упати сериозни критики за водењето на предметот „Пулс“, оценувајќи дека станува збор за правно неодржлив процес кој, според неа, се движи кон неуспех.
Во гостување на емисијата Ноќно студио на 4ТВ, Рускоска посочи дека најголемиот проблем е обидот сите 33 обвинети да се третираат под иста правна квалификација, што, како што вели, е сериозен пропуст.
„Правната квалификација за овој предмет е промашена. Катастрофа е сите обвинети да се товарат со исто дело. Нелогично е, на пример, некој функционер од 2012 година да одговара за настан што се случил повеќе од една деценија подоцна“, изјави Рускоска.
Таа оцени дека ваквиот пристап не само што е правно спорен, туку и го пролонгира целиот процес, правејќи го неефикасен.
Дополнително, Рускоска изрази загриженост за големиот број сведоци во предметот, потенцирајќи дека во домашната пракса често се форсира квантитет наместо квалитет на доказите.
„Нема потреба десетици сведоци да ја повторуваат истата изјава во судница ако тоа веќе го сториле во истражната постапка. Тоа само го одолговлекува процесот“, нагласи таа.
Рускоска предупреди дека со ваква поставеност, постапката може да трае со години, што дополнително ја намалува шансата за навремена правда, особено за семејствата на настраданите.
Таа исто така посочи дека поради измените во Кривичниот законик, постои ризик дел од делата да застарат, што би значело дека и покрај евентуално утврдена вина, случајот може да заврши без конкретна правна разрешница.
