Рустеми негира вмешаност за таблата на „Блаце“ – „од 2 јули не сум директор“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот директор на Јавното претпријатие „Државни патишта“ Ејуп Рустеми негира дека е вмешан во поставувањето на таблата без албански јазик во близина на граничниот премин Блаце. Рустеми вели дека од 2 јули годинава веќе не е директор и затоа не може да даде такви наредби. Рустеми извести дека сегашното раководство дури ја прекинало и постапката за промена на информативните табли за сите автопатишта во државата, кои требаше да се постават во согласност со Законот за употреба на јазиците.

„Јас сум дал наредба со сигнализацијата да се почитува и спроведувањето на албанскиот јазик“, вели Ејуп Рустеми.

Таа наредба е прекината…

„Јас не сум во јавното претпријатие. Од 2 јули не сум во ЈП „Државни патишта“.ЈП „Државни патишта“ има друг менаџмент, тоа раководство управува со сите проекти. Таблата е поставена сега пред неколку дена, од тоа што го имаме видено и бев информиран од медиумите, не е поставена додека бев јас. Јас не можам да дадам наредба пред 2.5 месеци и после 2.5 месеци да се спроведе таа наредба“.

Овој одговор на Рустеми дојде по обвинувањата на челниците на ВРЕДИ, дека поставувањето на таблата во Блаце е негов чин.

„Колку што имам информации, таа табла е сменета по налог на тимот на поранешниот директор на претпријатието „Државни  патишта“, па е целосно избелена. Такви табли  во Македонија има стотици“, вели Арбен Таравари.

„Таму е поставена таа табла врз основа на тие 2 км кои беа одолговлекувани. Врз основа на проектот што го водеше Ејуп Рустеми, реагиравме институционално и преку ноќ се исправи грешката на оние кои со години правеа вакви грешки“, вели Изет Меџити.

Коалицијата ВРЕДИ соопштија дека заменик-директорот на претпријатието „Државни патишта”, Назим Таипи ќе спроведе внатрешна истрага за конкретниот случај, за да  утврди дали се работи за техничка грешка или за намерна провокација со политичка позаднина. Меѓутоа засега од ова претпријатие, но и од коалицијата ВРЕДИ нема такви информации.