Времето кога Европа можеше да ѝ ја препушти својата одбрана и безбедност на Соединетите Американски Држави заврши, оценија генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во заеднички текст за магазинот The Economist.
Тие признаваат дека Европа, во рамките на НАТО, долго време била премногу потпирана на воените капацитети на Вашингтон, но нагласуваат дека суровата реалност и ризиците на денешниот свет ставиле крај на тој пристап. Според нив, сојузниците мора да го забрзаат развојот на својата одбранбена индустрија за да бидат подготвени за можен конфликт.
Во текстот се наведува дека сегашните производствени капацитети во Европа не успеваат да ја задоволат зголемената побарувачка. Воената помош што Западот ја испраќа на Украина, како и развојот на конфликтите на Блискиот Исток, извршиле голем притисок врз воените резерви на земјите членки, особено врз пресретнувачите за противвоздушна одбрана и системите против дронови.
Како главни причини за итното вооружување, Руте и фон дер Лајен ги наведуваат зајакнатите одбранбени капацитети на Русија, Кина, Иран и Северна Кореја.
Тие истакнуваат дека Москва инвестира повеќе од 40 проценти од државниот буџет во одбраната и постојано произведува воена опрема, поради што западната воена индустрија мора да реагира побрзо и во многу поголем обем од досега.
