Помина повеќе од една година откако беше опожарена модуларната болница во Тетово, а објектот во кој животот го загубија 14 луѓе сѐ уште не е отстранет! Министерот за здравство, Беким Сали објаснува дека за неговото отстранување најпрвин требало да се добие дозвола од обвинителството што ја водело истрагата.
„По добивањето на дозволата, уследи втората фаза, избор на компанијата која ќе ги отстрани остатоците. Мислам дека сме во последната фаза за нивно отстранување. Тоа место, за жал за тетовци ќе остане во горко сеќавање, но во историјата на медицината ќе биде искуство од кое ќе научиме многу“, вели Беким Сали.
Директорот на тетовската болница, Амир Елези, вели дека веќе е распишан тендер на кој се пријавиле три компании и додава дека на местото на несреќата ќе биде поставена спомен плоча.
„Во последна фаза сме за отстранување. Пријавени се три компании и во целата фаза на јавна набавка која ние како институција мора да ја поминеме во процес сме на разгледување на трите понуди. Ќе биде направен изборот на понудувач кој ќе ја отстрани модуларна болница која за жал останува голема болка за семејствата. Го изразуваме нашето сочувство. На тоа место предвидуваме да поставиме спомен плоча за сите жртви“, додаде Амир Елези.
Огнената стихија во модуларната болница во Тетово однесе 14 животи. Следното судско рочиште за оваа трагедија е закажано за 7 декември во Судот во Тетово.
