САД со нацрт-закон против корупција на Балкан – целта е економски развој и спречување дестабилизирачки активности

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Двајца американски сенатори, демократката Џин Шахин и републиканецот Роџер Викер претставија предлог-закон кој има за цел да го поддржи економскиот развој, трговијата и борбата против корупцијата, со цел спречување на дестабилизирачки активности на Западен Балкан. Сенаторката Шахин вели дека односите на САД со Западен Балкан се суштински во овие моменти, а намерите на рускиот Претседател, Путин, за ширење малигно влијание низ Источна Европа, како што вели, се повеќе од очигледни.

„Новиот нацрт-закон предложен од двете партии ги зајакнува трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, а истовремено се бори против корупцијата, преку усвојување посебен Закон за санкции против дестабилизирачките актери. Сето ова го отвора патот за пошироки евроатлантски интеграции“, вели Џин Шахин.

Нацрт-законот му наложува на државниот секретар да обезбеди техничка помош за секоја земја од Западен Балкан во развивање национална стратегија за борба против корупцијата. Предвидено е и враќање во законот на две извршни наредби кои ќе го гарантираат правото на санкции против оние што ги загрозуваат мирот и стабилноста на Западен Балкан и кои се вклучени во коруптивни дејствија. Сенаторот Викер рече дека нацрт-законот ќе испрати силен сигнал дека САД се посветени на поддршката на дипломатијата во регионот.

Сенаторот Бен Кардин, пак, на став дека политичките поделби и растечката корупција се закануваат да го загрозат напредокот кој го направиле земјите од Западен Балкан кон демократско владеење, од крајот на војните во поранешна Југославија.

„Мораме да продолжиме да ги поддржуваме нашите демократски партнери и сојузници од Западен Балкан. Овој двопартиски нацрт-закон ќе ги унапреди регионалните напори за стабилност и антикорупција преку создавање програми кои поттикнуваат инклузивен економски развој, национална антикорупциска стратегија и ги повикуваат на одговорност оние што го загрозуваат мирот на Западен Балкан“, порача Бин Кардин.

Нацрт-законот е познат како „Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан“.

Инаку, сенаторката Шахин предводеше група американски сенатори кои ги посетија Косово, Србија и Босна и Херцеговина во април поради загриженоста за влијанието од конфликтот во Украина врз Западен Балкан. Нивната посета имаше за цел зајакнување на врските меѓу Вашингтон и Западен Балкан, наспроти странските обиди за нарушување на мирот.