„Сакам да го спасам човештвото од заборав на емоциите од детството“ – промовирана книгата „Музеј на детството“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Сакам да направам нешто многу важно со кое ќе го спасам човештвото од заборав на емоциите од детството. Тоа би бил првиот музеј на детството. Оттаму од каде што доаѓам многу се ценат вистинските чувства, возбудувањата, искрените зборови… Музејот ќе биде вистината за едно дете, кое, каде и да се наоѓа, чувствува и се соочува со слични или исти настани“, на овој начин ја објаснува својата книга и идејата за „Музејот на детството“, авторката на книгата Алма Растодер, која беше промовирана.

Новата книга за деца и млади „Музеј на детството“ од авторката Алма Растодер излезе во издание на „Арс ламина – публикации“.

Тоа е прозна сложувалка, колаж од повеќе приказни за детството во различно време и од различни простори, врзани меѓу себе, допрени во една определена точка или сосема самостојни.

Она што ги обединува во целина и што овозможува да ги читаме и како фрагментарен роман за млади е можноста личните приказни да се сфатат како книжевни експонати во замислениот музеј на детството, што е и носечката идеја при раскажувањето.

Алма Растодер дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Пишува поезија и проза.