Сакам да работам ја повикува претседателката Силјановска да не го потпише указот за Законот за игри на среќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ ја повика претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпишува указот за стапување во сила на Законот за игри на среќа и забавни игри.

Од здружението велат дека се разочарани што нивните предупредувања и апели не биле прифатени од пратениците и оценуваат дека со изгласувањето на законот се испраќа негативна порака до илјадници вработени во секторот.

„Мнозинството пратеници озаконија политичко-етнички инженеринг. За задоволување на политички поени во наредните две години 10 илјади работни места постепено ќе бидат жртвувани“, наведуваат од „Сакам да работам“.

Тие предупредуваат дека новите законски решенија може да предизвикаат затворање на легалните објекти за игри на среќа и отворање простор за нелегален пазар.

„Постепеното затворање на легалните објекти ќе предизвика хаос. Ќе никнуваат играчници на диво, а државата ќе ја изгуби контролата“, се наведува во соопштението.

Од здружението додаваат дека ќе продолжат да ги користат сите демократски и правни механизми за заштита на работните места и најавуваат протести доколку, како што велат, се почувствуваат последиците од законот.

„Ние не сме печалбари во сопствената земја. Нема мирно да седиме кога некој намерно не брка во странство“, порачаа од „Сакам да работам“.

Во завршницата од реакцијата, здружението упати директен апел до претседателката Силјановска Давкова да не го потпише указот, оценувајќи дека со тоа може да се спречи, како што велат, „социјална бомба“.