Европската перспектива на Северна Македонија и поддршката од Словачка беа во фокусот на средбата во Братислава меѓу првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, и словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар.
На средбата биле потврдени добрите односи меѓу двете земји, како и континуираната поддршка од Братислава за евроинтегративниот процес на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан.
Сали му се заблагодарил на Бланар за гостопримството и за ангажманот на Словачка за политиката на проширување да остане високо на агендата на Европската Унија. Притоа, ја истакнал и активната улога на Братислава во групата „Пријатели на Западен Балкан“.
„Европската иднина на Северна Македонија е наша стратешка определба и остануваме целосно посветени на реформите и исполнувањето на обврските што произлегуваат од процесот на пристапување. Истовремено, од суштинско значење е процесот да остане кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, при што исполнувањето на договорените обврски ќе биде проследено со конкретен напредок“, истакна Сали.
На разговорите било отворено и прашањето за добрососедските односи, при што било нагласено дека билатералните прашања треба да се решаваат преку дијалог, меѓусебно разбирање и почитување, без да се наруши европскиот и реформскиот карактер на пристапниот процес.
Сали посочил дека Северна Македонија останува посветена на конструктивен дијалог со Бугарија и на градење одржливи добрососедски односи. Според него, европскиот процес треба да обезбеди предвидливост и сигурност дека исполнувањето на преземените обврски ќе носи напредок кон следните фази од преговорите.
Двајцата соговорници разговарале и за постепеното вклучување на земјите кандидати во политиките и единствениот пазар на ЕУ, спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан.
Во фокусот била и можноста за дополнително продлабочување на билатералната соработка, како и за размена на словачките искуства од процесот на европска интеграција.
Сали оценил дека поддршката од партнерските земји, меѓу кои и Словачка, е значајна за напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија, но и за зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување во целиот Западен Балкан.
