Законот за правична и соодветна застапеност, кој треба да го замени балансерот, сè уште не е доставен до Собранието, иако е усвоен на владина седница.
Поранешниот член на работната група за овој закон, Мерсим Максути, во емисијата „Click Plus“ изјави дека законот има поголема правна сила и поставува посилни обврски кон државата, но според него, по содржина не ја регулира етничката застапеност на ист начин како претходниот механизам.
„Овој закон не е подобар од балансерот во ниту еден аспект. Како правен акт – да, има поголема правна сила и создава поголема обврска за државата, но во однос на тоа како ја уредува застапеноста е далеку зад балансерот. Треба да бидеме свесни за тоа и искрени пред јавноста. Иако балансерот беше таков, тој практично целосно го регулираше прашањето на етничката припадност, доколку се применуваше без злоупотреби, а знаеме дека имаше многу злоупотреби. Доколку истото што го правеше балансерот денес беше инкорпорирано во законот кој е во процедура, тоа ќе беше идеалното решение“, изјави Максути.

Но, првиот заменик-претседател на Владата Беким Сали вели дека правичната и соодветна застапеност ќе се почитува, бидејќи, како што додаде, Владата е гарант за спроведувањето на законот.
„Гарант за тоа сме ние, односно законот ќе се почитува и правичната и соодветна застапеност ќе се имплементира во административниот систем на оваа држава. Секако, законот предвидува донесување подзаконски акти, со кои по потреба ќе може да се постапува и во иднина. Знаете дека со законот е предвидено формирање на координативно тело кое ќе го води првиот заменик-претседател на Владата, а во него ќе бидат вклучени повеќе министри“, изјави Сали.
Со Законот за правична и соодветна застапеност се очекува да се уреди застапеноста на етничките заедници во администрацијата. Законот предвидува координативно тело во рамки на Владата, кое ќе врши контрола дали се почитува застапеноста во институциите.
