Распределбата на средствата што Владата им ги дава на општините не е направена на транспарентен начин, а има и дисбаланс во одредени случаи, обвинува опозициската ДУИ. Арменд Аслани од оваа партија ги зема како конкретен пример општина Тетово и Куманово каде според него има дисбаланс.
„Врз основа на распределбата на средствата, мислам дека не беше направено експлицитна и правилна распределба бидејќи проектите беа примени и разгледани врз основа на прилично тесен круг, како што сакаа, па затоа имавме реакции во текот на вчерашниот ден дека тоа не е на транспарентен начин и распределбата на средствата не е на правилен начин од страна на Владата“, вели Арменд Аслани.
Една од општините со која раководи кадар на ДУИ, општина Теарце, е одбиена бидејќи, како што рече премиерот, проектите ги доставиле преку приватна електронска адреса. Овие изјави, според градоначалникот на Теарце, Нухи Незири, биле само за вест, бидејќи како што тврди, проектите биле доставени и по пошта. Ќе аплицираат и во вториот рок.
„Со големо убедување ви велам дека ова беше трик да се направи вест дека пријавата не ја направивме само во електронска форма, туку ја доставивме и по пошта, туку внимателно го ислушавме вториот дел од изјавата каде премиерот рече дека ќе има втор рок, па верувам дека целата оваа врева беше непотребна наместо да се свртиме кон тежината и вредноста на проектите“, вели Нухи Незири.
Друга општина, чии проекти беа одбиени, е општина Сарај, исто така управувана од кадар на ДУИ. За неа премиерот рече дека има некомплетна документација.
Говорејќи за овие два случаи, Теарце и Сарај, првиот вицепремиер Изет Меџити уверува дека тие не ги делат општините по партиска основа. Тој, исто така, изразува подготвеност да им помогне да ги подготват проектите, поради што рокот за аплицирање е продолжен за 1 месец за да можат граѓаните да имаат корист од овие проекти.
„Знаејќи ги капацитетите на руралните општини во овој случај Сарај и Теарце, ние како министерство ќе ви бидеме на услуга со кадровски прашања и подготовка на проекти за да им помогнеме и тие да успеат и да имаат корист бидејќи за нас не е важно кои се градоначалници на општините, за нас е важно жителите на Теарце и Сарај да имаат корист и нивните проблеми да се решат и да имаат подобра инфраструктура и подобар животен стандард“, вели Изет Меџити.
Меџити потсети дека годинава за општините ќе бидат доделени 100 милиони евра. Според него, од вкупно 80 општини, околу 75 конкурирале во рокот со добри проекти кои се одобрени од соодветните комисии и аплицирале главно за проекти во транспортот, животната средина, образованието и спортот.
